Семејството на Теодора гневно откако Апелација ја потврди пресудата за Пајазити
Во писмо до јавноста, семејството ја оцени пресудата како „срам за правдата“ и порача дека казната е несразмерна со изгубениот млад живот. Тие најавија дека нема да молчат и ќе продолжат да бараат правда, иако понатамошната постапка зависи од Јавното обвинителство...

Семејството на Теодора Ристовска гневно, откако Апелацискиот суд во Гостивар ја потврди пресудата на Основниот суд во Тетово со која, обвинетиот Менсур Пајазити е осуден на две години затвор за сообраќајната несреќа во којашто загина 22-годишната девојка. Според семејството, казната е преблага.
„Наместо правда што ќе донесе мир, добиваме систем кој со својата блага и селективна казна создава уште поголема недоверба и омраза“, велат од семејството Ристовски во писмото до јавноста.
Пајазити призна вина за сообраќајната несреќа што се случи на 15 август 2022 година, кога со автомобилот се движел побрзо од дозволеното и удрил во покојната Теодора, која како пешак поминувала на обележан пешачки премин.
Во првата пресуда, Пајазити беше осуден на 3,5 години затвор, а по поднесената жалба, Апелација ја намали висината на казната. Потоа Врховен ги укина пресудите и предметот го врати на повторно одлучување.
