Политика

Стартува кампањата за локалните избори

29.09.2025 08:02

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата изборната кампања за локалните избори 2025 ја започнуваат вечер во Скопје на голем настан на кој ќе го промовираат кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Централниот настан на СДСМ и коалицијата вечер е во Крушево каде кандидат за градоначалник е Томе Христоски, а претходно нивниот изборен караван ќе биде во Демир Хисар и Могила...

Од полноќ стартуваше кампањата за осмите по ред локални избори. Во 80 општини и Градот Скопје, во трка се 309 кандидати за градоначалници. Свои номинации имаат девет парламентарни партии, 24 кои не се дел од парламентарниот состав и независни листи.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата изборната кампања за локалните избори 2025 ја започнуваат вечер во Скопје на голем настан на кој ќе го промовираат кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Претставувањето на сите кандидати за градоначалници и носители на листите за советници се одржа во саботата во Штип.

Централниот настан на СДСМ и коалицијата вечер е во Крушево каде кандидат за градоначалник е Томе Христоски, а претходно нивниот изборен караван ќе биде во Демир Хисар и Могила. Тие вчера имаа претставување на сите кандидати на коалицијата што ја предводи опозициската партија.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, проф. Горан Марковски, поддржан од граѓанско-политичката платформа Независни заедно кампањата ќе ја почне со прес-конференција на Љубљанска во Карпош.

Централниот настан за претставување на кандидатите за градоначалници ВРЕДИ ќе го одржи во вторник во Скопје, а денеска свое претставување ќе има кандидатот за градоначалник на Чаир и вицепремиер Изет Меџити и советничката листа за оваа скопска општина на плоштадот Скендербег.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) централниот настан за претставување на кандидатите за градоначалници го одржа синоќа во Скопје.

Вчера претставување на своите кандидати за градоначалници и советници организираше и коалицијата „Искуство за успех“ што ја сочинуваат ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР.

Претставувања на кандидатите за градоначалници и совети ќе има и во други општини.

Претседателот на Собранието повика за време на изборниот период на воздржаност од секоја форма на притисок, говор на омраза, поларизирачка пропаганда и злоупотреба на јавните ресурси. Политичката трка треба да се одвива во духот на здрава демократија, вели Гаши. Собранискиот спикер ги потсети потписниците за почитување на Декларацијата за фер и демократски избори, бидејќи е морална и политичка обврска на секој учесник во изборната кампања.