ЕУ со план за заедничка одбранбена стратегија
Претседателите на Eвропската комисија и Eвропскиот совет со заеднички став за војната во Украина, но нивните идеи не се реализираат. На самитот на Унијата во Копенхаген, поддршка за Украина, но без консензус за тоа што точно треба да се преземе против Русија. Зеленски предупреди дека Путин ја ескалира војната и се обидува да ја подели Европа. А, додека европските лидери работат на заедничка одбранбена стратегија, Русија продолжува со нападите...

Поддршката за Украина и европската безбедност – главни теми на самитот на Европската политичка заедница во Копенхаген на кој присуствува и украинскиот претседател во услови на неодамнешните упади со беспилотни летала на Русија. Зеленски предупреди дека Путин ја ескалира војната и се обидува да ја подели Европа. Подготвен е да ја сподели својата експертиза и ги повика лидерите да дејствуваат заедно и со сила против Русија.
„Никогаш не стануваше збор само за Украина, Русија отсекогаш имала цел да го скрши Западот, особено Европа. Мора да дејствуваме заедно и со сила. Итно е потребен 19-ти пакет санкции, треба сериозно да размислиме како да ја уништиме руската инфраструктурата за трговија со нафта. Тоа мора да престане“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Генералниот секретар на НАТО ја нагласи поддршката за Украина и подготвеноста да одговори на безбедносните закани.
„Во време на многу случувања за нашата колективна безбедност, важно е да ги чуваме нашите неба безбедни и Украина да остане силна во борбата, но и да биде во најдобра позиција кога ќе почнат мировните преговори. Важно е да се обединиме“, порача Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Лидерите разгледуваат како да ги искористат и замрзнатите руски средства за обнова на Киев и да го одржат Европското единство во долгата војна. Во однос на руската нафта, поддршката од Унгарија изоставена.
„Можам да ја сменам политиката, но не и географијата. Унгарија е земја без излез на море, па затоа имаме само цевководи, и затоа мора да купуваме од Русите“, истакна унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Земјите-членки согласни дека ЕУ мора да има штит од дронови, но и да се зајакнат источните граници.
„Заштитата на источниот дел од упадите на беспилотни летала е приоритет, но мора да се има поширока перспектива. Системот против беспилотни летала е дизајниран како штит за целиот континент. Ова би го вклучувало, на пример, јужниот дел и би бил дизајниран да се справи со широк спектар на закани“, изјави Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Додека европските лидери во Копенхаген работат на заедничка одбранбена стратегија, Русија продолжува со удари. Киев ја обвини Москва за создавање ризик од нуклеарни инциденти по прекинот на струја во Чернобил и повика на посилен одговор и стопирање на увозот на руска нафта. Трамп дозволи споделување американски разузнавачки информации за да ѝ помогне на Украина да напаѓа руска енергетска инфраструктура.
Бојана Крстевски
