Спортистите добија уште еден дом - Отворен е новиот спортски центар „Јане Сандански"
Во нови модерни услови, со теретани, базени, спа центри, спортистите ги имаат сите можности да стигнат до нови успеси. Има капацитет за 6000 гледачи а во објектот има ресторан и игротека.

Старата сала Јане Сандански долго ќе се памети, но за новата долго ќе се зборува. Ова ќе биде втор дом за кошаркарите, но и за ракометарите на Вардар. Во нови модерни услови, со теретани, базени, спа центри, спортистите ги имаат сите можности да стигнат до нови успеси. Има капацитет за 6000 гледачи а во објектот има ресторан и игротека. Инвеститорот вложи над 15 милиони евра, а најави работа за 50 луѓе.
„Овој комплекс ќе биде на добра патека и ќе го покаже примерот и за други инвеститори, странски и македонски, за тоа колу се важни за сите луѓе социјални објекти“, рече Сергеј Самсоненко, инвеститор.
За спортските победи слушна целиот свет, а тоа е најдобрата промоција за Македонија. Токму затоа рече премиерот Никола Груевски масовно се гради и инвестира во нови модерни спортски центри, сали, терени, спортската академија.
„Атмосферата дека се прави во Македонија нешто позитивно, како во спортот така и во другите области се чувствува и надвор од нашите граници, таквата атмосфера привлегува и странски инвеститори, љубители на спортот кои сакаат да вложат во нешто што има иднина, нешто што се очекува да расте, да се развива да напредува, таков пример е господинот Самсоненко “, рече премиерот на Владата, Никола Груевски.
Градоначалникот на Аеродром оценува дека новиот комплекс ќе придонесе за развој на спортот.
„Со изградбата на новиот спортски комплекс нашите спортисти добија достојни услови за тренинзи и натпревари, а општина Аеродром и Скопје еден, со нескромност можам да кажам, најубав и најрепрезентативен спортски објект во кој ќе се организираат домашни и меѓународни натпревари“, рече градоналникот на Аеродром, Ивица Коневски.
Спортскиот центар “ Јане Сандански“ почна да се гради во март минатата година. На него беа ангажирани 1600 странски и домашни работници. Проектот ќе се комплетира кога ќе се изгради теретана, сали за аеробик и пилатес.
Викторија Тодоровска
