ЗНМ

ЗНМ донесе одлука за исклучување новинарот Божиновски

02.10.2025 19:42

На предлог на Советот на честа, ЗНМ донесе одлука за исклучување на Божиновски поради тешки и повторливи повреди на етичкиот кодекс, преку објави кои поттикнуваат родово базирано вознемирување кон новинарки и им ги нарушуваат угледот и приватноста...

По серијата неосновани навреди и неаргументирани напади врз новинарки на Македонската радио-телевизија, кон јавниот сервис како и кон новинарки од други медиуми, пласирани преку објави на социјалните мрежи, Здружението на новинарите на Македонија го исклучи Зоран Божиновски од своите редови, поради прекршувања на етичкиот кодекс на новинарите.

На предлог на Советот на честа, ЗНМ донесе одлука за исклучување на Божиновски поради тешки и повторливи повреди на етичкиот кодекс, преку објави кои поттикнуваат родово базирано вознемирување кон новинарки и им ги нарушуваат угледот и приватноста.

ЗНМ смета дека таквите објави иницираат малициозни коментари, кои предизвикуваат и охрабруваат и други лица да шират говор на омраза и закани, со што се зголемува ризикот по безбедноста на новинарките.

Со исклучувањето на Зоран Божиновски, од ЗНМ велат дека ја исполнува обврската да ги штитат професионалните стандарди и безбедноста на своите членови, вознемирувањето и јавните понижувања, особено кога се насочени кон жени, ја поткопуваат слободата на изразување и ги обесхрабруваат новинарките да бидат гласни во јавната сфера, се вели во соопштението од новинарската асоцијација.

Здружението потсетува и дека со измените на Кривичниот законик од 2023, загрозувањето на сигурноста на медиумските работници е кривично дело, за кое веќе постои и судска пракса.