Блиски Исток

Израел ја одбележува втората годишнина од смртоносниот напад на Хамас

07.10.2025 18:16

Израел одбележува две години од смртоносниот напад на Хамас во кој загинаа 1.200 луѓе, а над 250 беа земени како заложници. Со комеморации и протести, Израелците побараа правда, Палестинците крај на војната. Во Египет разговори за мировниот план за Газа. Претседателот на САД е оптимист дека неделава ќе има решение на кризата.

Со комеморации и протести, Израел ја одбележува втората годишнина од смртоносниот напад на Хамас на 7 октомври 2023 кога беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 земени како заложници. Семејствата на жртвите и преживеаните се сеќаваат на кобниот ден. Само на фестивалот „Нова“ 400 млади луѓе беа убиени.

„Живееме ден за ден, несвесни за тоа што се случи на 7 октомври. Дали ќе има прекин на огнот или нема да има прекин на огнот. Веќе ја плативме својата цена. Што е важно?“, изјави жител.

„Престојот тука не е премногу трогателен за мене. Она што се случи овде го преживувам секој ден“, рече Израелец, присуствувал на фестивалот Нова на 7 октомври.

Денеска се одбележува и втората годишнина од почетокот на израелската воена кампања во Појасот Газа. Се проценува дека досега се убиени повеќе од 65 илјади лица. Во енклавата владее акутен глад, а повеќе од 1,9 милиони луѓе се внатрешно раселени.

„Овие две години војна, ги изгубивме образовните институции и здравствените установи. По две години војна, нема образование. Здравствениот систем е целосно распаднат. Раселени сме“, рече друг.

„Ги изгубивме убавите моменти. Нашиот живот се претвори во пекол врз пекол. Секој ден има убиства, напади, смрт“, додаде друг.

На две години од војната, во Шарм Ел Шеик, втора рунда разговори за мир во Газа. Вашингтон и Тел Авив очекуваат ослободување на сите преостанати заложници по планот за мир на претседателот Трамп.

„Навистина мислам дека ќе имаме договор. Имаме навистина добри шанси и тоа ќе биде траен договор. Сакаме мир. Газа е голема работа. Но, ова е за вистински мир на Блискиот Исток“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Во изминатите две години меѓународната заедница ја зголеми поддршката за решение за две држави со што би се донел конечен мир на Блискиот Исток. Израелскиот премиер го осудува признавањето на Палестина како наводна награда за теророт на Хамас.

 

Маријана Димовска