Кривичен суд

Ново рочиште за „Онкологија 2“, сослушани сведоци предложени од Обвинителството

09.10.2025 16:18

Во Кривичниот суд ново рочиште за случајот „Онкологија 2“, за злоупотреба на службена положба, измама и проневера. Сведочеа тројца вработени во Клиниката за радиотерапија и онкологија. Адвокатот на првообвинетиот, Васев, побара негово ослободување од притвор за да има можност за адекватна одбрана...

Судот ги одби барањата за изземање на обвинителката и извештајот на медицинскиот вештак за случајот „Онкологија 2“ против поранешните медицински и економски директори на Клиниката за онкологија, Никола Васев и Нехад Нухи обвинети за злоупотреба, измама и проневера во службата од 2018-та до 2022-ра година со незаконски набавки на лекови без согласност на ФЗО со штета од 2,2 милијарди денари.

Сведочеа тројца сведоци на Обвинителството. Според вработена на шалтерот до неодамна се чувале печати со потписи на сите доктори за одобрување терапија.

Поранешен член на Управниот одбор сведочеше дека знаеле за се поголемиот долг на клиниката и дека одобрувале набавки на лекови со забелешка да има согласност од ФЗО.

Раководителката на клиничката аптека сведочеше дека биле земани лекови на реверс од добавувачи додека траеле набавките.

Адвокатот на првообвинетиот Васев побара негово ослободување од притвор за да има можност за адекватна одбрана во двата случаи за Онкологија што се водат против него.

Ирина Гелевска