Пријави од граѓани да се истражи состојбата и во други домови за стари лица
МВР и Обвинителството продолжуваат со истрагата за домовите за стари лица низ земјава. Постојат наводи за други, откако во јавноста се обелодени дека во два имало нехуман третман кон стари лица, по што за две лица е определена мерка притвор…

По обелоденувањето на случајот за насилство во приватните домови за стари лица „Актив“ и „Арија“, пристигнуваат нови пријави од граѓани да се истражи состојбата и во другите домови, велат Основното јавно обвинителство. Речиси сите се однесуваат за територија надвор од Скопје.
„Основното јавно обвинителство пристапува кон проверка на информациите, и доколку се обезбедат докази за сторено кривично дело ќе постапат според надлежностите“, велат од Обвинителството.
Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека врз основа на утврдената состојба при инспекцискиот надзор изготвен е записник од страна на инспекторите за социјална заштита и истиот е предаден до обвинител во Основното јавно обвинителство кој е задолжен за истрагата во двата случаи.
„Следуваат засилени контроли во сите останати старски домови на територија на целата држава за исполнување на нормативите и стандардите за работа за обезбедување на достоинствен живот на старите лица“, велат од Министерството за труд.
Во меѓувреме, трае вештачењето во поглед на здравствената состојба на лицата кои биле згрижени во овие домови, кои веќе се затворени, како и вештачењето на состојбата на местата каде тие биле сместени.
Министерството за социјална политика соопшти дека сите штитеници од двата приватни старски домови во Скопје, кои беа затворени по истрагата за злоупотреби и насилство, се згрижени.
Дел се вратени во своите семејства, а дел се сместени во државни установи за стари лица. За корисниците на кои им е потребна здравствена грижа е обезбедено лекување на клиниките во Скопје.
Марина Стојанова-Тонева
