Здравство

Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, Кузмановски се извини за своите постапки

11.10.2025 09:27

„Во најкраток рок ќе биде наименуван нов директор согласно со законските процедури. Работата на клиниката продолжува непречено“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Министерот Азир Алиу го разреши директорот на Универзитетска Клиника за неврологија, Игор Кузмановски откако се појави видео во кое се гледа како меша прашкаста материја во чинија и зборува за кокаин.

„Во најкраток рок ќе биде наименуван нов директор согласно со законските процедури. Работата на клиниката продолжува непречено“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Кузмановски на социјалните мрежи напиша – „Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се случи далеку пред моето преземање на менаџирање на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример“.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, чијшто кадар е Кузмановски, ја поддржаа одлуката на Алиу и ги повикаа институциите да постапат согласно законот и утврдените процедури.