Македонија

Нелојалната конкуренција и продажбата на сомнителен мед проблем за пчеларите

12.10.2025 19:06

На домашниот пазар имаат нелојална конкуренција. Тешко се пробиваат на странските пазари. Пчеларите бараат зајакната контрола на увозниот и медот без сертификат на домашниот пазар. Бараат од државата откупни центри каде ќе се контролира составот на медот и помош во пласирање на странските пазари…

Годинава медот е со добар принос и висок квалитет. Пчеларството на истокот од државата има долга традиција и потенцијал за развој. Но, нелојалната конкуренција и продажбата на сомнителен мед е проблем кој според професионалните пчелари може да се реши со откупни центри каде би се контролирал квалитетот на медот.

Најголем дел од медот се продава на домашниот пазар, иако потенцијалот за извоз, посебно на органски мед е голем. Но, без здружување на пчеларите, нема економска оправданост за извоз.

Во маркети, на пазар и онлајн се нуди неквалитетен мед. Пчеларите со апел да се купува мед од производители сертифицирани во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Пчеларството е на удар на климатските промени, а проблем се и пречките за извоз на европските пазари заради тоа што државата сè уште нема целосно усогласен систем на контрола на медот и доволно лаборатории акредитирани по европските стандарди.

Славица Величковска