Почна спроведувањето на првата фаза од мировниот договор меѓу Израел и Хамас
Почна спроведувањето на првата фаза од мировниот договор меѓу Израел и Хамас. Ослободени првата група од преостанатите израелски заложници кои палестинските милитанти ги држат повеќе од две години. Војната е завршена, рече американскиот претседател Трамп додека беше на пат кон Египет каде што се одржува мировен самит за Газа...

Хамас почна со ослободувањето на израелските заложници по договорот од првата фаза од мировниот план на Трамп. Првите седуммина се предадени на Црвениот крст и веќе пристигнаа на израелско тло. Наскоро ќе се обединат со семејствата. Останатите 13-мина ќе бидат ослободени подоцна од различни области на појасот. Во Тел Авив силни емоции.
„Многу, многу сум среќен, ми олесна. Мислам дека тоа може да се види низ целиот плоштад. Израелскиот народ е среќен. Ова е многу посебно утро и можеби утро кое ќе промени многу од тоа како се навикнавме да живееме во оваа земја“, изјави Гили Роман, брат на ослободениот заложник Јарден Роман Гет.
„Поминавме низ две многу тешки години, многу болни, ги поминавме заедно со нивното семејство, навистина тежок период. Сега само чекаме да ја видиме, нашата Елкана“, изјави Шломи Менаше, пријател на заложникот Елкана Бохбот.
За премиерот Нетанјаху ова е историски ден за кој многумина не верувале дека ќе се случи.
„Ова е историски настан за кој некои не веруваа дека ќе се случи. Но, нашите борци веруваа. И јас верував. Сè уште има многу големи безбедносни предизвици пред нас. Некои од нашите непријатели се обидуваат да се прегрупираат за повторно да нè нападнат. Убеден сум дека со заеднички сили ќе ги надминеме предизвиците и ќе ги реализираме можностите“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Со враќањето на заложниците, ќе постигнеме една од клучните цели за кои започнавме војна – цел која претставува национална, морална и еврејска обврска“, изјави Ејал Замир, началник на Генералштабот на Израелските одбранбени сили.
Според договорот, Хамас треба да ги предаде и посмртните останки на останатите 28-мина, а за возврат Израел ослободува речиси 2000 палестински затвореници. Шефот на Белата куќа Трамп пред заминувањето на Блискиот Исток изјави дека војната во Газа е завршена. По обраќањето во Израелскиот Кнесет тој заминува во Египет на мировниот самит на кој претседава заедно со египетскиот колега за договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
„Ова е прв пат да се видат сите обединети. Знаете, одиме во Египет по Израел и ќе се сретнеме со сите лидери на многу моќните и големи земји. И сите се за овој договор, сите. Војната заврши“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
На самитот во Египет учествуваат над 20 светски лидери.
Бојана Крстевски
