Локални избори 2025

Митинг на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Штип

13.10.2025 17:21

„На 19-ти октомври заокружете го бројот девет, бидејќи Штип заслужува да биде центар на истокот“ – порача кандидатот за градоначалник на ВМРО и коалицијата на митингот во Штип. На неколку дена до изборите, сè уште доминира црната кампања од страна на опозицијата, не се нуди визија за градовите и конкретни решенија туку се шири омраза и поделби – порача од Штип лидерот на ВМРО ДПМНЕ …

Откако градоначалниците се бираат на непосредни избори, во Штип се нема случено еден градоначалник два пати да ја бара и да ја добие довербата на граѓаните, истакна градоначалникот Иван Јорданов, кандидат за уште еден мандат на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата. Пред четири години ве повикав заедно да ги направиме промените. Сега со чист образ ве повикувам заедно да продолжиме да го градиме нашиот Штип – порача Јорданов и истакна дека граѓаните се најголемата поддршка за реализација на многубројните проекти.

Жал ми е што црната кампања стана единствената понуда на нашите политички противници. Наместо идеи тие нудат омраза, наместо визија нудат поделби, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Штип. Истакна дека претседателот на СДСМ Венко Филипче е гласен критичар без аргументи и не нуди решенија, претседателот на ДУИ Али Ахмети држи историски лекции, додека сегашноста му е полна со корупција, а Димитар Апасиев, претседателот на Левица, со својата вулгарна реторика ја надополнува мрачната тријада која ја влече Македонија назад. Во моментот најголем дел од градоначалниците се од ВМРО-ДПМНЕ и за никој од нив нема ниту една криминална афера или основано сомнение за злоупотреба, има дисциплина која гарантира дека и во следните четири години ќе продолжат така да работат, порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека актуелната влада ги исполнила трите фундаментални ветувања пред да ја освои власта. Линеарно зголемување на пензиите за пет илјади денари, годишно релоцирање на 250 милиони евра за капитални инвестиции за општините, цифра која сега оди до половина милијарда евра. Исполнето е и третото ветување дека ДУИ ќе оди во опозиција и според Мицкоски уште долго ќе остане таму бидејќи не ја научиле лекцијата. На митингот во Штип беше кажано дека владата дава силна институционална поддршка на Штип како центар на источниот регион.

Славица Величковска