Локални избори 2025

СДСМ го претставија својот кандидат за градоначалник во Струмица

13.10.2025 17:42

СДСМ е партија што се бори за еднаквост, правда и човечко достоинство. СДСМ не поттикнува омраза туку општество за сите, а власта не ја користи за одмазда туку за создавање нови дела. Вака кажа, Венко Филипче на митингот во Струмица, претставувајќи го кандидатот за градоначалник Марјан Даскаловски.

Година и пол премиерот Мицкоски ја води владата и државата без компас и без човечност. Македонија не може да ја води човек што не верува во луѓето, човек што мисли дека државата се води со навредување, пресметки и ароганција“. Вака нагласи претседателот на СДСМ Венко Филипче на митингот во Струмица во рамките на кампањата „Се бориме за нашиот дом“.

Според него, човек што не поднесува критика, и секојдневно ги напаѓа и понижува другите, човек кој користи термини глодари, лешинари и предавници е доказ дека не треба да му се верува. Филипче нагласи дека ова е повеќе од изборна битка и во недела на 19-ти октомври се носи одлука за иднината на државата. „Оваа битка не е само политичка. Таа е морална и таа е историска. Ова е борба за еднаквост, за правда, за човеково достоинство. За Македонија што се обединува, не што се дели кажа лидерот на социјалдемократите Венко Филипче посочувајќи дека власта на Мицкоски не направила ништо ниту на локално ниту на централно ниво.

На митингот во Струмица се обрати и кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Марјан Даскаловски. Зборуваше дека Струмица не смее да отстапи од курсот на слободата, демократијата и прогресивните идеи. Со години наназад докажуваме дека со чесна посветена и упорна работа општината се развива а тоа е заслуга на сите струмичани.

20 години докажуваме дека знаеме и можеме бидејќи Струмица не заслужува пауза, туку иднина. Според Даскаловски, Струмица треба силно да им се спротивстави на лицата кои сеат страв, уцени и поделби, лица кои ветуваат, а не исполнуваат. Тој ги повика струмичани на 19-ти октомври заеднички да ја продолжат приказната за успешна Струмица.

На митингот во Струмица пред присутните зборуваше и носителот на советничката листа, доктор Миле Гогов кој кажа дека во недела Струмица ќе победи со одличен пет бидејќи струмичани не чекаат од други, туку дејствуваат и работат сами оти СДСМ била движечка сила.

Ване Трајков