63 жртва од пожарот во „Пулс“

Почина музичарот Владимир Блажев-Панчо

14.10.2025 11:37

По долготрајната битка со повредите од трагедијата во Кочани, музичарот Владимир Блажев-Панчо почина во болницата каде што се лекуваше …

Почина познатиот македонски музичар Владимир Блажев – Панчо од хип-хоп дуото ДНК, кој беше тешко повреден во пожарот што се случи ноќта на 16 март 2025 година во дискотека „Пулс“ во Кочани, и оттогаш се лекуваше во приватна болница во Скопје.

Имаше тешки изгореници на лицето и на рацете. Извесно време бил и во кома, а на неговата психичка состојба работел поширок тим составен од психолози и психијатри.

Панчо беше дел од музичкото дуо ДНК кое кобната ноќ, на 16-ти март, настапуваше во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Андреј, неговиот колега, смртно настрада ноќта за време на пожарот во кочанската дискотека. Кобната ноќ животот го загубија и придружниот вокал Сара Пројковска, тапанарот на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев, клавијатуристот Филип Стевановски, гитаристот Александар Коларов, официјалниот фотограф на групата, Александар Ефремов, тонецот на групата ДНК, Игор Велков и битбоксерот Мартин Атанасовски Буцо.

Панчо е роден 29 јули 1979 во Скопје. Зад себе остави два сина. Тој е 63 жртва на стравотниот пожар во дискотеката „Пулс“.