Филипче: На овие избори секој глас прави разлика
Изборниот карван на СДСМ и коалицијата Денеска е во Илинден, Петровец, во Шуто Оризари, Бутел и Чучер Сандево, откако синоќа се претстави во Гостивар и во Маврово – Ростуше. Лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче рече дека на овие локални избори секој глас прави разлика, и оти апстиненцијата не е казна за СДСМ, туку награда за ВМРО-ДПМНЕ, и ја обвини власта за лоши економски политики. Кандидатот Анес Ахмети ги претстави проектите …

„Година и пол предупредуваме и укажуваме дека власта води лоши економски политики, дека ќе завршиме во амбис, меѓутоа тие, нашите сугестии, предлози, укажувања едноставно не ги приметуваат“, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче на митингот во Општина Маврово – Ростуште. Тој тврди дека до крајот на годинава во буџетот ќе недостасуваат 1,4 милијарди евра. „Ќе недостасуваат пари да се исплатат плати, да се исплатат пензии, ќе недостасуваат пари да се даде социјална помош, а тие пари може да се добијат само од нови задолжувања“, рече Филипче.
На партиската трибина под слоганот „Се бориме за нашиот дом“, претседателот на СДСМ предупреди дека државата е веќе презадолжена.
„Наместо раст на странските инвестиции тие ги нема“, посочи Филипче кој рече дека регионот оди напред и ги зголемува платите, а нашата економија тоне, па работниците не можат да добијат ниту 500 евра минимална плата.
„Со оваа неспособна влада на ВМРО-ДПМНЕ полека, но сигурно, исчезнуваат странските инвестиции“, критикуваше Филипче, кој потсети дека во 2024 година, благодарение на политиките на СДСМ, државата завршила со рекордни милијарда евра странски инвестиции, а оваа година, под водство на Мицкоски, во првите два квартала, инвестициите не надминуваат ниту 300 милиони евра, нагласи Филипче.
Во обраќањето пред жителите на Маврово – Росуште, Филипче се осврна и на реформите во судството. Вели, власта не прифати ниту една забелешка.
„Ниту еден од 12 закони кои се дел од реформската агенда, не само што не се донесени во Собрание, тие до ден денес не се ни поднесени“, рече Филипче, според кого, на овие локални избори секој глас прави разлика.
„Апстиненцијата не е казна за СДСМ, туку награда за ВМРО-ДПМНЕ“, рече лидерот на СДСМ. Кандидатот за градоначалник од СДСМ за Маврово – Ростуше, Анес Ахмети истакна дека ќе се залага за развој на општината, за нови инфраструктурни проекти, за вложувања во образованието, здравството и културата.
Од СДСМ и коалицијата порачаа дека овој изборен циклус ќе биде сериозен знак за оваа власт, односно, дека ќе се испрати порака дека нема капацитет да ја води земјава. Социјалдемократите повикаа масовно да се излезе на гласање за нивните кандидати за градоначалници и советници.
Игор Панов
