СДСМ и коалицијата ја продолжуваат кампањата во 17 општини
СДСМ и коалицијата ја продолжуваат кампањата во 17 општини. Актуелниот градоначалник Герасимовски кој ја бара довербата за втор мандат со план од десетина точки за справување со сметот во метрополата и мобилизација на службите, најави и посебни пунктови за собирање на угостителскиот смет. Активности за подобар живот на неготинчани, понуди и кандидатот, Петар Мантев кој ја продолжува трката за градски татко.

Актуелниот и кандидат за градоначалник на СДСМ во Центар, Горан Герасимовски најави план до десет точки за справување со проблемот со отпадот. Ангажирање на сите вработени во интерес на граѓаните. Кандидатот за градоначалник на Неготино Петар Мантев најавува проекти за решавање на сообраќајниот хаос во градот, уредување на центарот но не и сечење на постојните децениски стари дрвја.
Актуелниот градоначалник на Општина Центар и кандидат на СДСМ за уште еден мандат, Горан Герасимовски најави план во десет точки за справување со кризата со отпадот, проблем кон скопјани ги гуши повеќе денови. По состанокот со Штабот за заштита и спасување донесени биле итни одлуки за справување со кризата со сметот. Се редуцираат сите други активности на минимум, а се пренасочуваат вработените од Општина Центар и ЈП Паркинзи да ги спроведат мерките за менаџирање на овој проблем.
„Ова е момент кога секој јавен службеник мора да покаже одговорност. Ќе бидат поставени помали контејнери за секојдневен отпад во густонаселените делови и поголеми контејнери за кабаст отпад на стратешки локации. Апелирам граѓаните да не го одлагаат сметот на улиците околу контејнерите, туку во нив. Со тоа ќе овозможиме побрзо собирање и полесна контрола на ѓубрето“, рече Герасимовски.
Како човек кој доаѓа од образованието кандидатот на СДСМ за градоначалник на Неготино Петар Мантев акцент на неговата програма дава на унапредување на образованието, втор приоритет е уредување на централното градско подрачје. Како спортски работник најавува уредување на спортско рекреативниот центар Младост, ставање во функција на паркот околу овој центар, реновирање на Градскиот стадион. Неготино се соочувал со сообраќаен хаос и потребно било итно решавање на овој проблем, со изградба на обиколница. Тоа ќе придонело и за намалување на загаденоста на воздухот во градот и подобро здравје за неготинци.
Мантев ќе работел и на решавање на проблемите во селата, на водоснабдувањето во населените места во Неготинско. Еден ден во неделата бесплатен автобуски превоз за пензионерите од овие населени места до Неготино и назад. Децата од руралните средини да се згрижат во клонови на детската градинка, кои би функционирале како дел до училиштата кои таму работат. Отворање на старечки дом во Неготино во соработка со Министерството за труд и социјална политика, со што би се подобрил животот на луѓето од највозрасната категорија.
Како дел од овој дом би бил и Дневен центар, каде дневно оваа категорија на граѓани, ќе имаат место и можност каде да го минат слободното време и да се дружат. Актуелната локална власт се фалела со два, три проекти кои биле во завршна фаза и тие морале да имаат измена, бидејќи ако се продолжат со истата идеја биле скапи, неприменливи и еколошки неиздржани. Таков бил случајот со плоштадот во центарот, со кој се предвидува сечење на сите дрвја околу него, што Неготино не смеело да го дозволи.
Неготино заслужувал повеќе културни настани, поддршка за уметниците и место каде што младите ќе можат да создаваат и да сонуваат, вели Мантев.
Петар Печков
