Мицкоски: 23 Октомври е завет
Македонија го одбележува 23 Октомври-Денот на македонската револуционерна борба. Не е само датум, туку завет дека државава никогаш нема да биде ничија туѓа мисла, туку вечен порив за слобода, правда и иднина. Порача премиерот Мицкоски на свечената академија „Од идеја до држава“. Пораки до опозицијата, но и најави за кадровски освежувања во Владата...

23 Октомври не е само датум тоа е завет, завет дека Македонија никогаш нема да биде туѓа ничија мисла, туку вечен порив за слобода правда и иднина. Премиерот Мицкоски вели дека ја има иста решителност како и тогашните револуционери, но денес со поинакви предизвици. Нашата генерација ја има истата задача што ја имаа и тие да ја брани Македонија на нов начин, со знаење, со интегритет, мудрост и визија. Првиот човек на владата дециден борбата е за подобар живот, но за определбата за членството во Европската унија никогаш нема да попушти кога се во прашање интересите на народот.
Изборите во првиот круг покажаа огромна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата која доживеа историски дебакл прави нереални математики, а и во нивните анализи владејачката партија има чиста и јасна победа, вели Мицкоски. Премиерот со порака до СДСМ да се консолидираат, да размислат дали ќе се осмелат да одат на предвремени избори.
Претседателот на Владата најавува година посветена на економија и борба за стандард, за кој се подготвува нов пакет мерки. Кадровски ќе се освежува владата, зголемување на енергијата за реформи и работа. Од Лондон, вели Мицкоски носи инвестиција вредна 150 милиони евра која ќе донесе нови 1.000 вработувања.
Од свечената академија по повод 23 Октомври-Денот на македонската револуционерна борба премиерот со порака кога некој ќе праша што е ВМРО, да можеме да одговориме дека тоа сме ние народот што не се покори, народот што ја сака својата земја повеќе од живот, рече Мицкоски.
Викторија Милевска
