Локални избори 2025

Мециновиќ најави идеи и проекти за разубавување на Скопје

26.10.2025 17:37

Кандидатот на „Левица“ за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, кој влезе во втор круг, најави поддршка на младите во метрополата. Според него, на МКЦ му треба поголема финансиска помош и нови фестивали кои градот ќе го направат попривлечен за домашни и странски туристи, а младите ќе имаат поголема активност.

Кандидатот за татко на метрополата од „Левица“, Амар Мециновиќ, најави поддршка на младите со финансиско зајакнување на Младинскиот културен центар, преку проекти по примерот во европските градови.

Меѓу новите проекти најави отворање на скопско рок школо, каде пристап би имал секој кој има желба да учи, вежба или да се надоградува.

Мециновиќ најави и идеја за основање на скопски графити фестивал, по примерот на градови како Мостар.

Посочи дека со тоа ќе се разубави Скопје и ќе му даде нов визуелен идентитет. Според него, ваквите иницијативи ќе придонесат за поголема активност на младите во културниот живот и ќе го направат градот попривлечен за домашни и странски посетители.

 

Наташа Гркова - Петрушевска