Локални избори 2025

Кандидатите на ВМРО–ДПМНЕ за скопски Карпош, Кочани и Кичево со проекти за подобар живот во општините

27.10.2025 17:49

Отчетност, транспарентност, заштита на јавниот интерес, ставање крај на бетонизацијата – ова е ветувањето на кандидатот за градоначалник на Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски. Кандидатот за прв човек на општина Кочани, Грозданов, најави вложување во инфраструктура за подобар живот на граѓаните, Јовановски, пак, кој ја бара довербата од жителите на Кичево вети обнова на фасадите на старите згради. Од ВМРО-ДПМНЕ повикаа на масовна излезност на изборите в недела...

Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на Карпош од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата, на жителите на општината им ветува отчетност, транспарентност и проекти што ќе го подобрат нивниот живот.

„Нема распродавање на земјиштето и бетонизација на Карпош“, ветува Лукровски. Вели, потребна е поголема грижа за лицата со посебни потреби, па затоа најавува отворање на дневен центар за нив, но и поголема нивна инклузија во општината во делот на вработувањата.

Реализирање инфраструктурни проекти со поддршка од Владата, меѓу кои изградба на мостови, водоводна и канализациска мрежа, старечки дом со голем капацитет, како и зголемување на безбедноста во општината – ветува кандидатот за градоначалник на Кочани, Влатко Грозданов. Тој најави изградба на мостови, спојување на булевар со магистрален пат, активирање на браната за водоснабдување на Кочани, поставување канализациска и водоводна мрежа, асфалтирање улици со цел подобрување на условите за живот.

Кандидатот за градоначалник на Кичево, Александар Јовановски, во својата програма се обврзува на изградба на енергетско-ефикасни фасади на сите згради постари од 25 години, за пониски трошоци и чист воздух во Кичево. Ревитализација на Китино Кале во втора фаза. Најави изработка на основен проект и физибилити студија за јавно приватно партнерство за изградба на собирен центар за кабаст отпад и негово ставање во функција. Отстранување на дивата депонија од градското јадро. Изработка на проект за изградба на стационар за бездомни кучиња и негова имплементација.

ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори освои 550 советнички места и 33 градоначалнички места.

На 2-ри ноември се трча вториот изборен круг. Партијата бара мандат за нивните градоначалници во 27 општини. Во 20, во првиот круг имаше предност пред против кандидатите.

Миле А. Ристески