Митинг на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Пробиштип
В недела граѓаните имаат три опции во вториот круг: да гласаат за победничката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, да се гласа за поранешната владина коалиција предводена од СДСМ или, најкатастрофалната опција, да останеме дома. Седењето дома не казнува никого, освен самите граѓани. Ова е пораката на Мицкоски од митингот во Пробиштип, од каде најави победа на ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата во 59 општини и Градот Скопје...

Осум години стоевме во место и наместо да броиме нови индустриски погони, нови паркови и водоводи, ние броевме изгаснати светла во домовите. Доста е од стагнација, уназадување и апатија, истакна градоначалничкиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ за Пробиштип потенцирајќи дека има победничка програма со проекти за изградба на нова станбена населба и нова индустриска зона. За младите најави бесплатен канцелариски простор за водење бизнис и намалување на комуналиите за изградба на куќи. Тоневски најави решение за деценискиот проблем со јаловишната депонија.
Во програмата на Тоневски е изградба на дом за стари во зградата на интернатот во Пробиштип, изградба на детско одморалиште на Пониква, како и субвенции за инвертер клима уреди и обнова на крововите на домовите на пробиштипјани.
На овие избори коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе има градоначалници во 59 општини, плус Градот Скопје, а советничко мнозинство во 58 општини, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Пробиштип, од каде најави убедлива победа на кандидатот за градоначалник во Скопје, со очекување дека во недела ќе победи со околу 125 илјади гласови. Мицкоски порача дека на парламентарните избори ДУИ беше развластена, а на овие локални избори е поразена. За поразот на СДСМ после првиот изборен круг кажа дека според добиените гласови ова за нив не е само пораз туку најава за постепено исчезнување од политичката сцена. Мицкоски порача дека поддршката која на овие избори ја има ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата значи многу и во меѓународните позиции на државата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повика на масовна излезност во сите општини каде ќе се гласа в недела, а за сè уште неопределените порача да се одлучат на тој начин што ќе го споредат владеењето на актуелната влада во периодот од 16 месеци и на претходната влада на сдсм и ДУИ во претходните седум години.
Славица Величковска
