Македонија

Министерство за животна средина: Пластичниот отпад во Вардар последица на недоволни комунални услуги

28.10.2025 14:46

Министерството и Државниот инспекторат за животна средина редовно укажуваат преку ЗЕЛС на потребата од засилено следење на состојбите со управувањето со отпадот и зголемено присуство на инспектори на терен.

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека појавата на пластичен отпад во реката Вардар и во другите водотеци се должи на незадоволителното ниво на комунални услуги, особено во руралните средини.

Од ресорното министерство посочуваат дека во овие подрачја се забележува присуство на диви депонии на јавни површини, за чија санација и контрола се надлежни единиците на локалната самоуправа и општинските инспектори.

Министерството и Државниот инспекторат за животна средина редовно укажуваат преку ЗЕЛС на потребата од засилено следење на состојбите со управувањето со отпадот и зголемено присуство на инспектори на терен.

Во моментов, Државниот инспекторат работи на измени на Законот за инспекциски надзор во животната средина, со цел воспоставување единствен систем на инспекциски надзор што ќе обезбеди поефикасна и поефективна контрола во оваа област.

Министерството апелира до општините, комуналните претпријатија и граѓаните за заедничка одговорност и делување во насока на зачувување на чистотата на реките и водните текови.