Кривичен Суд

Кривични пријави за уапсените од ЈП „Комунална хигиена“

28.10.2025 17:03

Кривични пријави за загрозување на животната средина со отпадот во Скопје против в.д. директорот на ЈП „Комунална хигена“ и уште едно раководно лице. Обвинителството ги товари за кривично дело по член 230 од КЗ став 1, казниво од 3 месеци до 3 години затвор...

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми и управителот на Секторот за отпад Аки Саити беа изведени пред судија во Кривичниот суд Скопје како осомничени за загрозување на животната средина и природата со отпад. Обвинителството ги товари за кривично дело по член 230 од КЗ став 1, казниво од 3 месеци до 3 години затвор.

„Осомничените постапиле спротивно на законот за управување со отпад и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје, како и на обврските предвидени во оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот. Тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести“, се вели во соопштението од Јавно обвинителство.

Обвинителството побара мерки притвор за директорот и управителот од “Комунална хигиена“, Рустеми и Саити.

Ирина Гелевска