Почна дистрибуцијата на гласачките ливчиња, в недела ќе се гласа во 32 општини и Скопје
В недела на 2-ри ноември ќе се одржи вториот круг од гласањето на осмите локални избори во државава. Државната изборна комисија утрово го презеде доверливиот избирачки материјал, од печатницата „Киро Дандаро во Битола, по што започна и дистрибуцијата до општинските изборни комисии во градовите каде ќе се гласа по втор пат. Испечатени се 1.208 807 гласачки ливчиња, а со право на глас се 1.013 357 граѓани во 32 општини и во Градот Скопје...

Рано утрово, Државната изборна комисија го презеде доверливиот избирачки материјал од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола, кој ќе биде користен во вториот круг од локалните избори. Дистрибуцијата на материјалот до општинските изборни комисии, во општините, каде по втор пат ќе има гласање, се одвива непречено и без проблеми, информираат од ДИК
Испечатени се вкупно 1.208 807 гласачки ливчиња, а на избирачкиот список во недела право на глас имаат 1.013 357 граѓани
Вториот круг од осмите локални избори од независноста на државава ќе се одржи в недела на втори ноември, кога за избор на градоначалник ќе се гласа во 32 општини и во градот Скопје. Ден пред гласањето, во сабота на први ноември, ќе гласаат болните и изнемоштени, затворениците, и лица во домашен притвор чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии.
Покрај гласањето за градоначалници, на втори ноември, ќе има прегласување за членови на совет на три избирачки места во општина шуто оризари.
Според информациите од ДИК, изборниот процес ќе ги следат 904 домашни и 651 меѓународен набљудувач, како и 14 странски новинари кои се акредитирани за известување од овие избори.
Александра Максимовска
