Скопската “Комунална хигиена” доби нов директор
Скопски комуналец доби нов директор-Александар Јовановски ставен пред предизвик да го исчисти сметот во градот. Ова е шести избор на градоначалничката Арсовска во изминатите четири години …

Скопски комуналец доби нов директор. Александар Јовановски ќе го чисти ѓубрето во главниот град. Тој е шестиот избор на Арсовска во последните четири години, а на функцијата седнува четири дена пред избори.
„Јовановски ќе придонесе во КХС за унапредување на стандардите на јавното претпријатие, модернизација на системите за управување со отпад и одржување на чиста, здрава и еколошки одговорна животна средина во градот Скопје“, стои во соопштението на Град Скопје.
Јовановски ќе ги решава проблемите што се наталожија во мандатот на Рустеми кој е во притвор и под истрага за несобирање ѓубре. Засега од Град Скопје не откриваат дали Рустеми е разрешен или сам побарал да биде сменет. Неговиот адвокат рече дека кај судијата на претходна постапка Рустеми поднел оставка, но од Кривичен велат – таков документ кај нив нема.
„До судот не е доставено никакво писмено известување поврзано со работното место на осомничениот. Доколку биде доставено ќе биде препратено до надлежната институција“, одговорија од Кривичниот суд на прашање на МТВ.
Во меѓувреме претпријатието ги црпи последните резерви на нафта и работи со дваесетина камиони, а десетици стојат хаварисани на паркингот во кругот на институцијата.
Анита Димитријевска – Велковска
