Здравство

Зголемен број заболени од грип во споредба со минатата сезона, пад во однос на претходната недела

30.10.2025 19:35

Оваа сезона се заразиле повеќе пациенти со грип од минатата, констатира институтот за јавно здравје. Најбројни се во Гостивар и Куманово. Но, амбулантите ги полнат и вирусите, најмногу респираторните и стомачните.

Почна сезоната на грип, најмногу болни има во Гостивар и во Куманово. Бројката на заболени за 30 проценти поголема од лани. Но, засега грипот не е лабораториски потврден.

Вирусите ги полнат амбулантите. Доминираат респираторните и стомачните, со кашлица, покачена температура, малаксаност – на удар децата од предучилишна возраст.

„Тинејџери, млади луѓе и возрасни имаат симптоми на коронавирус и тие знаат да се пожалат на типично гребење на грлото, растечен или затнат нос, кај нив интензивни се главоболките“, вели д-р Мира Атанасова – педијатар.

Дека е присутен и ковидот потврдуваат и од институтот за јавно здравје, но ретко кој се тестира. Лекарската фела апелира – ризичните групи граѓани да носат заштитни маски кога одат на доктор.

„Во Македонија циркулира сратус варијантата на ковид, но тоа не значи дека не е присутна и нова варијанта. Тоа се респираторни симптоми кои се карактеристични за овој период од годината, ќе имаме уште повеќе лица со респираторни симптоми. Луѓето треба да внимаваат, да немаат контакт со други луѓе за да не се шири заболувањето“, вели д-р Драган Кочински – институт за јавно.

Имунизацијата е во тек, набавени се 80 илјади вакцини.

Според лекарите вакцината штити од тешки компликации. Над 30 илјади граѓани кои се во ризичните групи, веќе ги посетиле пунктовите за имунизација.

Андријана Ѓурческа