Енергетика

Сушата за 40% го намали производството на електрична енергија од хидроцентралите

04.11.2025 17:43

Сушата, за 40% го намали производството на електрична енергија на хидроенергетскиот систем Црн Дрим. Хидроелектраните „Глобочица“ и „Шпилје“ последниве години работат со значително намален капацитет. Денес се одбележаа 60 години од изградбата на „Глобочица“, една од најзначајните хидроелектрани во земјава …

Сушниот период за 40% го намали производството на електрична енергија на хидроенергетскиот систем Црн Дрим. Водејќи се од принципите за заштита на биодиверзитетот на Охридското Езеро, односно одржување на нивото во утврдениот минимум и максимум, хидроелектраните „Глобочица“ и „Шпилје“ последниве години работат со значително намален капацитет.

Двете хидроелектрани учествуваат со над 15% од вкупното домашно производство на електрична енергија.

„Практично за оваа година, ние согласно електроенергетскиот биланс и план имаме помало производно производство за околу 40% поради слабата хидролошка година оваа година и работиме биолошки минимум редовно. Производството е намалено, односно работиме само за балансирање на националниот електроенергетски систем“, вели Гоце Божиновски, директор на ХЕС Црн Дрим.

Енергетскиот систем во земјава е стабилен, велат од ЕСМ, очекуваат следната година да се подобри хидролошката слика.

„Согласно сите показатели, оној сушен циклус треба да заврши веќе наредната година каде што очекуваме значително подобрување на состојбата со зголемен принос на врнежи и со зголемен принос на хидроенергија на годишно ниво“, вели Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ.

Во тек е изработка на физибилити студија и проект, а до 2029-та година на вливот на Охридското Езеро кон Црн Дрим ќе биде поставен најмодерен систем за регулација на протокот на вода.

Соња Рилковска