Образование

МОН предлага нов список на лектири – повик за јавна дискусија до наставници и стручната јавност

05.11.2025 11:57

Министерството за образование и наука објави предлог-список на лектири за основното образование и повикува наставници, стручни служби и јавноста активно да се вклучат во неговото дефинирање. Целта е создавање современ, инклузивен и квалитетен избор на дела, прилагоден на потребите на учениците.

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието организираат јавна дискусија за нов предлог-лектирен список за основното образование. Сите заинтересирани – наставници, стручни служби и други чинители во образованието – се повикани „активно да се вклучат во дефинирање современ, инклузивен и квалитетен лектирен список, кој ќе одговара на реалните потреби на учениците и наставниот процес“.

Според МОН, потребата од ажурирање на лектирниот список произлегува од стремежот за усогласување на наставните содржини со современите образовни цели и социо-емоционалниот развој на учениците. Новиот предлог се темели на постојниот список од 2019/2020 година, при што одредени дела се отстранети поради ниска читаност или несоодветност, а други се преместени во различни одделенија или добиле нов статус – од задолжителни станале изборни и обратно.

Во предлогот се вклучени дела кои обработуваат современи и чувствителни теми како идентитет и самодоверба, пријателства, булинг, инклузија и културна разноликост. Целта, велат од МОН, е учениците да читаат содржини блиски на нивната реалност, но и доволно комплексни за анализа и критичко размислување.

Предлог-списокот е отворен за предлози за сите одделенија од второ до деветто. Предвидена е можност и за вклучување по едно дело од националните литератури на сите наставни јазици, со превод на сите службени јазици во земјава.

Сите предлози може да се достават најдоцна до 30 ноември преку формуларот објавен на веб-страницата на МОН, на е-адресата на Бирото за развој на образованието: [email protected].