Алиу: Законски измени за да се реши недостигот на тумор маркери
Се работи на законски измени за да се реши недостигот на тумор маркери, вели министерот Алиу. Предлага постапките да почнуваат шест месеци пред истекот. Тумор маркери, освен на Онкологија, има и на Биохемија и другите клиники во нашиот здравствен систем …

Клиниката има пари, ама болните од канцер без терапија остануваат со недели бидејќи дистрибутерите не ја доставуваат навреме. Најголемиот проблем се јавува кога за одреден лек, на тендер нема да се јави ниту еден понудувач. Од пациентските здруженија објаснуваат дека мора да се промени системот за набавка на онколошката терапија.
„Дистрибутерите не аплицираат на тендери, има проблем со цените кои ги нудат. Може е решение овие набавки да почнат да се прават на две, три или петгодишно ниво за оние лекови за кои се дозволува и кои имаат доволен рок. Но, мора да се промени нешто во начинот на којшто се прават тендерите и на кој аплицираат компаниите“, изјави Ана Марјановиќ – претседател на здружението „Хема-онко“.
Ако има терапија, тогаш недостигаат тумор-маркери. Министерот за здравство вели – освен на Онкологија ова испитување може да се направи на Клиниката за биохемија. Решението за надминување на овие предизвици го гледа во измени на законот.
„Јас најавив пред неколку месеци дека ќе разгледуваме, постапките да почнуваат не три, туку шест месеци пред истекот на процесот, се со цел да имаме време да најдеме дополнително ако ни треба реотворање на постапката, за да не стигнеме до вакви моменти кога заради административните процедури, пациентите ќе чекаат лекови“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Во изминатите месеци, онколошките пациенти често се соочува со недостиг на одредени лекови и покрај тоа што буџетот на клиниката за терапија е зголемен за 65 проценти во споредба со минатата година.
Андријана Ѓурческа
