Инфраструктура

Македонија и Бугарија го потпишаа договорот за меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8

06.11.2025 11:38

Тунелот, со должина од 2,4 километри, ќе биде поделeн речиси подеднакво меѓу двете земји. Николоски истакна дека со овој договор се исполнува долгогодишен сон за железничка врска меѓу Скопје и Софија, додека Караџов нагласи дека се оживува проект стар повеќе од еден век...

Македонија и Бугарија денеска го потпишаа Договорот за изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8, со кој ќе се поврзат Скопје и Софија. Документот, што ги дефинира активностите и обврските на двете држави, беше потпишан на железничката станица Ѓуешево од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов, во присуство на претставници од ЕК, НАТО, САД, меѓународни банки и американската амбасадорка Анџела Агелер.

Тунелот, со должина од 2,4 километри, ќе биде поделeн речиси подеднакво меѓу двете земји. Николоски истакна дека со овој договор се исполнува долгогодишен сон за железничка врска меѓу Скопје и Софија, додека Караџов нагласи дека се оживува проект стар повеќе од еден век.

Изградбата на пругата Скопје – Софија се одвива во три фази. Првата делница Куманово – Бељаковце е завршена, втората Бељаковце – Крива Паланка е во тек со 35% реализација, а за третата, најсложена фаза до бугарската граница, вклучувајќи го и тунелот, наскоро ќе биде распишан тендер.

На западното крило на Коридорот 8 е планирана и нова пруга Кичево – Лин, како и реконструкција на линијата Скопје – Кичево, за што ЕУ одобри грант од 5,3 милиони евра за подготовки и студии.