Промени на „Илинденска“, не се исклучува проширување на коалицијата
Се најавуваат промени на „Илинденска“. Реконструкцијата ќе се прави со меѓусебен договор на партиите во Владата. За експертите, не се исклучува ниту проширување на владејачката коалиција …

По најавите на премиерот Мицкоски за реконструкција на „Илинденска“ веднаш по Конгресот на владејачката партија во декември, јавноста очекува кои министри ќе бидат опфатени со промените во Владата. Министерот за здравство Азир Алиу кој на оваа функција е релативно краток период вели дека има политичка влада и премиер којшто одлучува за промените, а тој како министер ќе ги извршува обврските сè додека е на чело во оваа институција.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, пак, вели дека не ја исклучува можноста и нови партнери од албанскиот блок да се приклучат кон Владата. Но, тоа се само политички процеси кои сè уште не се докрај предвидливи. Арсовски предвидува дека реконструкцијата што ја најавува премиерот ќе биде темелна со смена на одредени министри и рокади во одделни ресори.
И од Демократската партија на Албанците, којашто беше партнер во коалицијата на ДУИ за парламентарните избори, а потоа пред локалните избори ја раскина соработката со интегративците, не одбиваат дијалог со Владата.
Членот на централното претседателство на ДПА, Имер Алиу излезе со изјава дека сè уште не добиле покана, но и дека нема да ја одбијат доколку им ја понудат. Едно е јасно, агендата на Демократската партија на Албанците, агендата на Владата и партиите на власт се чини дека се различни, но секако, ќе дебатираме со сите, рече Алиу.
Игор Панов
