Македонија

РСБСП со нова кампања за техничката исправност на возилата

10.11.2025 14:53

Редовното одржување и техничката исправност на возилата – предуслов за безбедно учество во сообраќајот...

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) започнува нова превентивно-едукативна кампања под мотото „Унапредување на работата на станиците за технички преглед и подигнување на свеста за важноста на техничката исправност на возилата“, со цел системско подигнување на јавната свест за редовната проверка и одржување на моторните возила.

Според анализите на РСБСП, техничката неисправност на возилата претставува значаен фактор во случувањето на сообраќајни незгоди. Неисправните сопирачки, управувачки системи, светлосна сигнализација или пневматици можат директно да ја загрозат безбедноста на возачите, патниците и останатите учесници во сообраќајот.

Од Советот потсетуваат дека техничките прегледи не се само законска обврска, туку и морална и општествена одговорност на секој сопственик на возило. Технички исправното возило е клучно за намалување на ризикот од незгоди и за подигнување на сообраќајната култура и дисциплина.

Станиците за технички преглед, како прва линија на контрола, имаат клучна улога во проверката на сите витални системи на возилото – сопирачки, управување, суспензија, светлосна сигнализација, издувни гасови и други елементи кои влијаат на безбедното управување.

РСБСП апелира до возачите да ја препознаат важноста на редовните проверки не како формалност или дополнителен трошок, туку како реална мерка за заштита на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот.