Политика

Сали на местото на Меџити – предлог на „Вреди“

11.11.2025 17:58

„Вреди“ бара две позиции во Владата за замена на Меџити. Беким Сали предлог на коалицијата за вицепремиерското место, се крои и министерско за животна средина.Крајната одлука останува на премиерот. Реконструкцијата до крајот на годината...

Владината реконструкција ќе го чека партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 6-ти декември по што ќе се знаат кадровските промени што ќе ги направи Мицкоски. Беким Сали е предлогот на ВРЕДИ, за испразнетото место на Изет Меџити. Со оглед на тоа што градоначалникот на Чаир имаше две функционерски места во владината коалиција, ВРЕДИ оценува дека е сосема нормално и прифатливо да имаат предлог, формат еден плус еден.

Мицкоски вели дека има високо мислење за Сали, но негира дека ќе се зголеми бројот на министерските места на ВРЕДИ во коалицијата. Во меѓувреме во Владата го чекаат извештајот и заклучокот на Државната изборна комисија за конечните официјални резултати, по што ќе се носи одлука за именување на повереници во четирите општините каде ќе се повтори изборниот циклус за локалните избори.

Од ДИК информираат дека Управниот Суд ги одбил сите 16 приговори. Тековната недела ќе се одржи седница на која ќе се донесе одлуката за повторување на изборите во Маврово/Ростуше, Гостивар, Врапчиште и Центар Жупа, општини каде не беше постигнат цензус од 33%. Владата најдоцна во рок од 15 дена по денот на именувањето на повереникот го известува претседателот на Собранието заради распишување на избори за градоначалник.

Марина Стојанова-Тонева