Кампања „Стоп за сексуалното насилство врз деца“

За четири години над 500 пријави за сексуално насилство и вознемирување врз деца

18.11.2025 16:29

На денот кога почна кампањата за ставање крај на сексуалното насилство врз деца, грозоморен случај во Волково. 23-годишник принудувал петгодишно девојче на полови дејствија...

Дваесет и три годишник од Волково принудувал петгодишно девојче на полови дејствија. Три месеци ѝ се заканувал да не кажува на нејзиниот татко. Обвинителството вели има докази. Осомничениот е во притвор.

Оваа хорор ситуација е само еден од многу случаи. Според МВР, за период од четири години има 508 пријави за сексуално насилство и вознемирување врз деца. Речиси 190  млади под 15 години биле силувани. Но, од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација велат- досега не постапувале.

Едно од пет деца во Европа е жртва на сексуално насилство. Во повеќето случаи досега се потврдило дека сторителот е некој што му е познат на детето или лице на коешто тоа дете му верува.

Оваа кампања од јануари се предвидува да се спроведува и во училиштата, односно да се едуцираат и психолозите и професорите, како секое дете би живеело во едно безбедно општество, во една безбедна средина без страв да пријави доколку се соочи со таков проблем.

 

Ана Јосифоска