Македонското судство на тест, утре почнува судењето за случајот „Пулс“
Македонското судство на голем тест. Утре почнува судењето за пожарот во „Пулс“ што однесе 63 животи. Со илјадници докази на маса, Обвинителството ќе се докажува вина на 37 обвинети, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност…

Семејствата бараат правда, правосудството исправено пред најголемиот тест досега. Почнува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“. Со илјадници докази на маса, Обвинителството ќе се докажува вина на 37 обвинети, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност.
Полициски екипи ќе контролираат кој влегува и излегува од судницата, а екипи на итната медицинска помош ќе асистираат ако е потребна лекарска грижа. Од Кривичниот суд велат подготвени се за судењето. Ден пред стартот, се правеа финални подготовки и се проверуваше аудиоопремата.
Со главната расправа ќе раководи судијката Диана Груевска-Илиевска. Зад себе има 19-годишно судиско искуство, а претходно делеше правда во високо-профилирани судења против екс-премиерите Владо Бучковски и Зоран Заев. Судеше и во процесот за тешката сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци во која починаа 16 лица.
Анита Димитријевска – Велковска
