Случај „Пулс“

Двајца во куќен притвор, за шестмина мерки на претпазливост

21.11.2025 16:09

За двајца куќен притвор, за другите мерки на претпазливост. Кочанскиот суд донесе одлука по акцијата против вработени во УЈП и Пазарната инспекција, кои на газдата на кабарето му дошепнувале за планираните контроли…

Кривичниот суд ќе работи професионално, законито и транспарентно во постапката за пожарот во дискотеката „Пулс“, вели за МТВ в.д. претседателката на скопска единица, Даниела Димовска. Таа се огласи откако на нејзиниот брат, даночен инспектор, му беше одреден куќен притвор во случај поврзан со дискотеката.

„Сакам да бидам целосно јасна, а тоа е дека ниту јас, ниту овој суд има каква било улога во тој предмет, како и дека не можам и не смеам да влијаам врз него. Како претседател на судот, мојата работа се однесува на обезбедување услови за независно и непристрасно работење и ја уверувам јавноста дека судот ќе продолжи да работи професионално, законито и транспарентно во постапката за пожарот во дискотеката „Пулс“, како и досега“, вели во одговор на прашање на МТВ, Даниела Димовска – в.д. претседателка на Кривичниот суд – Скопје.

Освен на Драган Паунов, кочанскиот суд на уште контролор на УЈП му определи куќен притвор, додека на останатите осомничени им изрече мерки на претпазливост.

„Основниот суд Кочани на 6-шест осомничени лица определи повеќе мерки на претпазливост предвидени во чл. 146 од ЗКП, додека спрема 2-двајца осомничени лица изрече мерка Куќен притворДополнително спрема едно лице кое е обвинето со обвинителниот акт на ОЈО Кочани за овој кривично правен настан, а спрема кое и претходно беа определени мерки на претпазливост, беше предложена и од судот прифатена дополнителната мерка за претпазливост“, соопшти Основниот суд-Кочани.

Обвинителството опстојува на ставот дека се потребни ефективни притвори. Најави жалба. Инаку, во случајот со поткуп и даночни злоупотреби во работењето на дискотеката опфатени се единаесетмина.

Истрагата ја води кочанското обвинителство, а за предметот е надлежен локалниот суд.

Анита Димитријевска – Велковска