Најдобриот во светот за длабинско нуркање го посети Охрид
Ахмед Габр од Египет, најдобриот во светот за длабинско нуркање на денешната средба со своите охридски колеги ги сподели своите доживувања и искуства кога го соборил Гинисовиот рекорд нуркајќи на длабочина од 332,35 метри. Охрид има одлични можности за развој на нуркањето рече тој, при што беше договорена соработка со нуркачкиот центар „Амфора“ …

Шест години се подготвував за рекордната длабочина, од кои пет години се одвиваше психолошката подготовка и четири подготовката под вода. Ова на средбата со нуркачите од нуркачкиот центар „Амфора“ го рече египетскиот нуркач Ахмед Габр, кој го држи Гинисовиот рекорд во длабинско нуркање од 332,35 метри. Во реализацијата на овој подвиг тој имал подршка од 25 лица под и над вода, додека нуркањето траело 13 часа и 50 минути, од кои 14 минути му биле потребни за да стигне до рекордната длабочина, а останатото време за враќање на површината.
„Секој нуркач се соочува со различни проблеми, има конфузија па дури и халуцинации. Има различни психолошки моменти што се случуваат во текот на нуркањето при што има две фази: фаза во која се спушташ и фаза во која се враќаш и тоа вкупно е 650 метри во двете насоки. Интересно беше тоа што околу шест часа во текот на нуркањето бев следен од ајкула“, изјави Ахмед Габр – светски рекордер во длабинско нуркање.
Средбата со Габр беше искористена за договор околу идна соработка, а тука беше и Балканската рекордерка Симона Трповска чиј тренер бил египетскиот нуркач.
„Оваа средба не е само да ни каже и да не подучи во одреден дел на длабински нуркања, туку ова е почеток на една плодна соработка. Планираме да одиме следната година кај него на нуркање, се надевам дека технички нуркачи и нуркачи кои одат на големи длабочини ќе почнат заедно со Симона да доаѓаат овде на длабински нуркања“, изјави Милутин Секулоски Миќо – Нуркачки центар „Амфора“
„Би сакала да му се заблагодарам, бидејќи ми помогна да ги надминам и моите лимити и навистина голема благодарност што ме посети и што ме тренираше“, изјави Симона Трповска – Балканска рекордерка во длабинско нуркање.
Поради лошите временски услови Ахмед Габр немаше можност да нурка во Охридското Езеро, но вети дека повторно ќе дојде, бидејќи овде има одлични можности за развој на нуркањето.
Сашо Нелоски
