Македонија избира судија за Стразбур
Јордан Апостолски, Наташа Бошковска и Сашо Ѓорѓиевски влегуваат во најтесниот круг за иден судија во Стразбур. Нивните имиња одат на разгледување во Советот на Европа кој ќе даде конечна оценка...

Адвокатите Јордан Апостолски и Наташа Бошковска, како и професорот Сашо Ѓеоргиевски се тројцата кандидати кои се во трката за судија во Европскиот суд за човекови права. Тие ќе бидат испратени на разгледување до експертскиот панел на Советот на Европа. Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, рече дека одлуката е донесена врз основа на критериуми за висок морален углед, квалификации за судиска функција и признат правнички углед.
Покрај избраните, меѓу кандидатите биле Оља Ристова, Тони Менкиноски, Наташа Габер, Александар Даштевски, Али Алиу, Илир Исени, Јелена Ристиќ и Ана Дангова Хуг.
Гласањето било тајно и двајца од кандидатите добиле по пет гласа, а еден кандидат четири гласа.
Имињата на тројцата кандидати до крајот на неделата треба да бидат испратени до експертскиот панел на Советот на Европа, кој ќе ја даде конечната оценка.
Владата во јули ја поништи предлог-листата и формира нова Комисија, во која наместо претходните девет, сега брои пет члена.
Од Уставен рекоа дека Комисијата постапувала согласно насоките на Антикорупциска, која претходно имаше замерки за можен судир на интереси. Костадиновски нагласи дека по одлуката на ДКСК, дел од членовите за кои било побарано изземање, се изземале од гласање за одредени кандидати.
Борис Грујоски
