Одбрана

Министерски состанок на процесот СЕДМ во Сараево

27.11.2025 15:38

Министерот Мисајловски денеска во Сараево, Босна и Херцеговина, заедно со министри за одбрана од земјите од регионот учествуваше на министерскиот состанок на процесот СЕДМ чија основна цел е унапредување на стабилноста и безбедноста во регионот преку развој на воено-политичката соработка меѓу земјите членки.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Сараево, Босна и Херцеговина, заедно со министри за одбрана од земјите од регионот учествуваше на министерскиот состанок на процесот СЕДМ чија основна цел е унапредување на стабилноста и безбедноста во регионот преку развој на воено-политичката соработка меѓу земјите членки.

За време на првата сесија на министерскиот состанок, министерот Мисајловски се осврна на неколку клучни безбедносни предизвици на глобално ниво – руската агресија врз Украина и ескалацијата на насилствата на Блискиот Исток, при што истакна дека иако географски оддалечен, регионот е под силно влијание на безбедносната несигурност и дека единственото одржливо решение е почитувањето на принципите на меѓународното право, дијалогот и мирното решавање на сите несогласувања.

Во однос на иднината на процесот СЕДМ, министерот даде полна поддршка на експертската работна група која работи на концептен документ за зацврстување на релевантноста на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG.

На состанокот, министрите беа информирани за активностите реализирани од последниот министерски состанок во ноември 2024 година во Тирана, при што беше потенцирано дека еден од најзначајните проекти на СЕДМ е Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG, чија команда до 2026 година е сместена во Куманово.

Министерскиот состанок беше ко-организиран од министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, заедно со заменик-министерот за одбрана на Грција, Атанасиос Давакис, и претседавачот на СЕДМ Секретаријатот, амбасадорот Елефтериос Ангелопулос.

Иницијативата СЕДМ, формирана во 1996 година, ги обединува нашата држава, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грузија, Грција, Италија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија, Турција, Украина, САД и Молдавија. Според воспоставениот редослед, Грција ќе претседава со СЕДМ до првата половина на 2027 година, по што претседателството го презема нашата држава.

Во рамките на иницијативата функционираат и други важни проекти: SEESIM – проект за симулациски вежби, проектот „Жени лидери во одбраната и безбедноста“, проектот за интерконекција на воените болници, како и СЕДМ порталот за брза и ефикасна размена на информации меѓу земјите членки.