Труење со храна

Инспекциски надзор во девет основни училишта во Општина Карпош по вчерашното труење

27.11.2025 16:14

Пет ученици од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ се хоспитализирани на Детската клиника. Се чекаат резултатите од земените брисови и мостри кои треба да покажат од што се затруле учениците од „Димо Хаџи Димов“. Иако нема деца со симптоми во други скопски училишта, инспектори влегоа во кујните на девет основни училишта во општина Карпош...

Пет ученици од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ се хоспитализирани на Детската клиника. Три од вчера, две се во болница од вторникот кога децата почнале да пријавуваат симптоми, стомачна болка, повраќање и дијареја.

Најмладиот хоспитализиран ученик е 6,5 години, најстариот 12. Интензитетот на децата коишто бараат лекарска помош се зголемува бидејќи кај некои симптомите подоцна почнале, а кај некои биле во полесна форма, но како се интензивирале, побарале лекарска помош.

Од Институтот за јавно здравје, од Детската клиника побарале материјал за испитување од хоспитализираните ученици за да се исклучи присуство на вируси и паразити.

48 часа се потребни да се добијат сите резултатите од анализите на мострите земени вчера во „Димо Хаџи Димов“.

Иако нема деца со симптоми во други скопски училишта, инспектори влегоа во кујните, се земаат мостри од храна и од работните површини за лабораториско тестирање.

„Инспекциски тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство спроведуваат вонредни инспекциски контроли во кујните на девет основни училишта во општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна во чија сопственост е и централниот магацин кој се наоѓа во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Скопје и од каде се набавуваат репроматеријали за подготовка на храна“, велат од АХВ.

Во училиштето наставата се одвива тековно, нема пријавено нови случаи, вели директорката.

Наташа Јанчиќ – Менковски