Козле

Респираторните вируси ги полнат амбулантите

27.11.2025 16:38

Респираторните вируси ги полнат амбулантите расте бројот и на деца кои се на болничко лекување во Козле. За само еден ден има над 150 прегледи. Се очекува со сезонскиот грип, состојбата дополнително да се влоши.

Бебе од два месеца е најмалиот пациент хоспитализиран на Клиниката за белодробни заболувања „Козле“, каде поради компликации болнички се лекуваат уште 50-тина други деца. Респираторните инфекции ги полнат амбулантите, на удар се доенчињата и децата кои одат во градинка, за едно деноноќие има и по 150 прегледи, речиси сите доаѓаат со покачена температура.

„Родителите треба прво да пробаат во домашни услови да го лекуваат детето, со симптоматска терапија, со рехидрација што значи електротипен тип на течности да се внесуваат, за телесната температура парацетамоски тип на лекови да се внесуваат, доколку нема подобрување 3-5 дена и кај детето се надоврзува кашлица која е агресивна, прогресивна и на тоа се надоврзува тешко дишење во тој случај треба да се подигне алармот и да се побара лекарска помош.“, изјави д-р Мирјана Поповска – педијатар во Клиниката за белодробни заболувања Козле.

Во периодот што следува, педијатрите очекуваат бројот на болни деца да се зголемува.

Родителите да не ги носат болните деца во градинка или во училиште советуваат лекарите, бидејќи колективниот престој овозможува полесно ширење на вирусите.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, за една недела пријавен е 91 заболен со симптоми на грип. Првпат сезонава инфлуенца а Н1 е лабораториски потврдена кај двајца од тестираните. Најмногу заболени има во Гостивар, Тетово и Струмица.

 

Андријана Ѓурческа