ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Средба Муртезани-Розенкранц

28.11.2025 12:12

Владата со поддршка на европските партнери се враќа на патеката за воспоставување дијалог и доверба меѓу Македонија и Софија за надминување на спорот меѓу двете земји, вели министерот за европски прашања. Муртезани денеска беше домаќин на неговата колешка на Кралството Шведска Јесика Розенкранц. Двете страни разговара и за соработката меѓу двете земји …

Заедно со европските партнери се работи на воспоставување дијалог и враќање на довербата меѓу Скопје и Софија, со цел да се надмине спорот и да се одблокира евроинтегративниот процес на земјава, посочи министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како одговор на прашањето дали се подготвува трет протокол со Бугарија за да се надминат разликите, предлог кој доаѓа од шефицата на државата Гордана Сиљановска Давкова, како едно од креативните решенија. Сепак Муртезани потенцираше дека процесот на пристапување треба да се води исклучиво врз основа на заслуги, а не на билатерални условувања кои не произлегуваат од европското право и принципи.

„Секако дека на уставните измени мора да се работи. Тоа е преземена обврска без која нема преговори и нема членство во ЕУ, меѓутоа како што нагласив во моментов не може ние да зборуваме за процесот на уставни измени кога сите тие наши грижи и дилеми не се соодветно адресирани, а за да бидат адресирани треба да се воспостави редовен дијалог, да се врати довербата меѓу двете соседни земји за да можеме на европски начин да градиме заедничка европска иднина“, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Неговиот хомолог од Шведска Јесика Розенкранц која е во работна посета на земјава посочи дека во интерес на сите, е Македонија да се приклучи на Европската унија. Таа ги повтори ставовите на неформалната Влада на ЕУ дека потребно е забрзано темпо во спроведувањето на реформите во областа на правосудството и справување со корупцијата. Уставните измени се услов за формален почеток на преговорите-јасна е Розенкранц.

На средбата се разговарало и за имплементацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и Реформската агенда, како главни механизми за поддршка на економската интеграција и структурните реформи.

 

Марина Стојанова-Тонева