Сериозни предизвици во колективното домување во туристички Охрид
Колективното домување во Охрид се соочува со сериозни предизвици, поради туристичкиот карактер на градот. Прокиснати кровови, нефункционални лифтови и заеднички простории со години. Голем дел од станбените објекти се викенд станови што го отежнува функционирањето на станбените заедници...

Прокиснати кровови, нефункционални лифтови, поплавени подруми, неодржувани заеднички простории. Ова се дел од проблемите на колективното домување во туристички Охрид. Голем дел од становите се во сопственост на граѓани од други градови, или иселеници, а тоа го отежнува функционирањето.
Постарите згради имаат проблеми со прокиснување на крововите, но за нивна замена потребна е согласност од сите сопственици на станови.
„Поголем број од становите се викенд станови или се во сопственост на иселеници, и во најголем дел од годината нема физичко присуство на сопствениците. Поради тоа управителите се оневозможени да организираат собири на сопственици и да носат одлуки со потребното законско мнозинство, вели Александар Илиески инспектор по колективно домување.
Некои лифтови во постарите згради се технички неисправни и се надвор од употреба со години. Ова создава потешкотии за повозрасните, семејствата со деца и лицата со посебни потреби.
„Должност на фирмите е да обезбедат редовно одржување на лифтовите, кое се извршува најмалку еднаш месечно. Исто така, еднаш годишно се извршува техничка инспекција преку независно тело, кое составува извештај врз основа на состојбата на лифтот и дава позитивен или негативен заклучок.“, додава Илиески.
За да може да функционира колективното домување во Охрид потребни се посебни законски регулативи. Наместо одлуките во заедниците да се носат со 100% согласност од станарите, да треба помало мнозинство.
Соња Рилковска
