Србија

НИС од утре престанува со работа: Русите не сакаат да го продадат, САД имаат свои интереси

02.12.2025 17:24

Единствената српска рафинерија не доби лиценца за работа, платежните трансакции со НИС можни до недела…

Русите не сакаат да го продадат НИС, а Американците имаат свои интереси. Засега, само Србија страда, изјави Вучиќ на прес-конференцијата на која соопшти дека рафинеријата во Панчево не доби лиценца за работа поради мнозинското руско сопствеништво-со што од утре престанува со работа.

Тој кажа дека државата, на свој ризик, ќе обезбеди платни операции за НИС до крајот на неделата за исплата на сите добавувачи, на плати и подготовка на работниците за сè што следи, после што ќе се следи ситуацијата ден по ден.

„Од 13 декември, ниту НИС ниту Лукоил во малопродажниот сектор не можат да добиваат гориво од државните резерви. Во тој момент, целата Република Србија формално би потпаднала под санкциите на САД, бидејќи задолжителните и стоковите резерви припаѓаат на државата Србија. Значи, ние можеме да ги снабдуваме со нафтени деривати сите други компании што не се под санкции – но не и НИС. Со што ќе се соочиме тогаш? Со фактот дека имаме доволно гориво: дизел, бензин, па дури и керозин. Единствената разлика е што граѓаните ќе мора да одат на некои други пумпи, а не на оние што и припаѓаат на НИС“, изјави Вучиќ.

47 отсто од трговијата со нафтени деривати се одвивало на пумпите на НИС кои се наоѓаат на најдобрите локации, што, како што рече Вучиќ, ќе претставува проблем, и граѓаните ќе мора да чекаат малку повеќе за гориво.

Зборувајќи за гасот, тој порача дека ако до петок не добијат договор од Русите, во понеделник ќе започнат преговори со другата страна.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ