Изградба на гондола е совршено решение за развој на туризмот на Пелистер
Општина Битола работи на полето за развој на туризмот преку целата година. Во тек е изработката на физибилити студија за изградбата на гондола, како еколошко решение кое ќе ја збогати понудата и пристапноста...

Баба Планина со Националниот парк „Пелистер“ има огромен потенцијал за четири сезонски туризам, кој за жал сè уште не е доволно развиен.
Општина Битола работи на полето за развој на туризмот преку целата година. Во тек е изработката на физибилити студија за изградбата на гондола, како еколошко решение кое ќе ја збогати понудата и пристапноста, но истовремено и ќе ја зачува природата во заштитените подрачја. Со овој проект, би се зголемила посетеноста на Баба Планина.
„Секаде тренд е да се оди со гондоли, еколошки решенија, со кои ќе се намали прометот со возила, во долниот дел на планината, а до врвот се стигнува со најчиста инфраструктура која можат да ја обезбедат само жичарниците и гондолите“, вели словенечкиот експерт Франц Фурлан.
За овој бисер да прерасне во туристичка атракција потребно е подобрување на пристапните патишта, но и поголеми инвестиции во сместувачки капацитети. Екотуризмот, како современа форма на туристичка алтернатива, подразбира активности во националниот парк, а сместувачки капацитети надвор од него.
Последната студија за развој на летен и зимски туризам на Пелистер, покажа зголемување на бројот на туристи, до ковид кризата, кога имаше драстичен пад од 33.000, на 10.000 посетители. Лани оваа бројка повторно се искачи на 24.000, најголем дел странски посетители. Студијата покажа и намалување на бројот на сместувачки капацитети.
Александра Максимовска
