Македонија

Охрид ќе развива син и циркуларен туризам

07.12.2025 16:35

Со европски пари и искуства Охрид ќе развива син и циркуларен туризам. Целта е намалување на отпадот, еколошки транспорт и ре-употреба на ресурси во хотелите и рестораните …

Охрид го воведува концептот на син и циркуларен туризам, кој има цел да го намали негативниот импакт врз животната средина и да креира еколошки пристап во менаџирањето на туризмот. По теркот на развиените медитерански дестинации, ќе се работи акциски план со конкретни мерки почнувајќи од намалување на отпадот, користење техничка вода, ре-употреба на ресурси преку рециклирање, до развивање на алтернативни и еколошки форми на транспорт.

Електрични или соларни пловила, еко-сместување, сини патеки, одржлив риболов и паметно управување со отпад и вода се дел од светските практики кои ќе се применуваат.

„Оној кој денес треба да патува до Охрид, или од Охрид до Свети Наум – кои можности му ги нудиме? Денес само со брод и автомобил. Немаме јавен превоз и немаме други видови превоз. Циркуларниот туризам подразбира развивање на алтернативни видови превоз. Понатаму, често велиме дека кајчињата или другите пловни средства загадуваат. Ајде да видиме која е алтернативата – дали да се воведат субвенции за електромотори“, вели Сашо Коруновски, професор на ФТУ Охрид.

Преку изработка на „Синиот акциски план“, Општина Охрид ќе постави насоки за трансформација на туристичката понуда во поодржлив модел, кој води грижа за природните ресурси и го намалува загадувањето.

„Крајната цел е да се искористат искуствата на поразвиените држави кои учествуваат во проектот и заеднички го изработуваат акцискиот план, со што ќе можеме да ги искористиме нивните искуства, позитивни примери и практики, и на тој начин да се потрудиме да примениме дел од европските искуства и кај нас, со надеж дека ќе имаме понатамошен развој на туризмот во Охрид и државата“, вели Ѓоко Апостолов, Сектор за туризам.

Со овие мерки и активности, Охрид ќе се позиционира на мапата еко-дестинации, каде приоритет е заштитата на природното богатство.

Соња Рилковска