Пораки и реакции ден по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ
„Клучната амбиција на стратегијата е Македонија до 2030 година да стане земја што создава стабилност, економска додадена вредност и институционална зрелост, со национален идентитет што се почитува, а не се условува дневно политички“ – Антонијо Милошоски ден по конгресот на партијата. Од СДСМ велат – ништо не се поместило ниту еден милиметар во ВМРО-ДПМНЕ до ден-денес, нема ни да се помести, има само козметички финти…

Нова визија на ВМРО-ДПМНЕ за државата. Создавање национален патоказ и рамка за стабилизирање, но и зајакнување на земјава без да ја изгуби духовноста и историјата, гаранција за стабилни институции, модерна економија и почитувана дипломатија – на 18-от партиски конгрес усвоена стратегијата „Ново поглавје-Македонија 2030“. Во владејачката партија велат, страгегијата го трасира патот за раст и развој до успешна, модерна и просперитетна Македонија.
„Документот ја позиционира ВМРО-ДПМНЕ како политичка сила подготвена да ја преземе одговорноста и улогата за ова државничко лидерство. И ова се разбира не е список на политички кампањски предизборни желби, туку е документ со јасни цели коишто би биле национална траекторија во следните 10-15 години. Клучната амбиција е оваа Стратегија Македонија до 2030 година да стане земја што создава стабилност, економска додадена вредност и институционална зрелост, со национален идентитет што се почитува, а не се условува дневно политички. Стратешката рамка за 2025-2030 ги содржи шесте клучни стожери што ќе водат развој на државата“, вели Антонијо Милошоски.
За СДСМ собирот во Кавадарци бил организиран од двоецот Мицкоски-Груевски. Според нив, тоа бил конгрес на децата на Орбан.
„Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци организиран од двоецот Мицкоски-Груевски е потврда на сè она што го говориме. Најсилна поддршка добија од Виктор Орбан и неговата партија Фидес. Тој успешно го крие и го чува Никола Груевски, бегалецот од правдата, кој украде две милијарди евра и побегна, но сè уште управува со ВМРО-ДПМНЕ од далечина. Бизниси, кредити, банки, оваа власт е директно поврзана со Орбан. Тоа е дел од вертикалата преку политичките партии, Фидес на Орбан, СНС на Вучиќ во Србија и ДПМНЕ на Груевски и Мицкоски, која со години функционира на иста линија“, соопштуваат од СДСМ.
Мицкоски застана на чело на партијата во 2017 година. Ова е негов трет и, според партискиот Статут, последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Дека ова е најсилниот меѓународен „ветер во грб“ што ВМРО-ДПМНЕ го добила на партиски конгрес, говорат и сестринските партии. Лидерите на земјите од регионот со порака: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се блиску до граѓаните и затоа победуваат.
Борис Грујоски
