Климатски промени

Пролетни температури во декември

07.12.2025 17:30

Пролет ли е, зима ли е?! Температури во декември како во март. Синоптичарите од идната недела најавуваат сончеви денови до 15 степени. Топењето на снегот на планините нема да го измести водостојот на реките. Но, променливото време влијае врз здравјето на луѓето. Најмногу се жалат на варирање на крвниот притисок. Лекарите предупредуваат – ако има посериозни аномалии, веднаш во ординација…

Стабилно и топло време, пролетни температури. Климатските промени ќе ни овозможат претстојната недела да уживаме во сончевите зраци. Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека живата на термометарот ќе се искачи над 15 степени.

Сепак ноќите ќе бидат со пониска температура, особено на повисоките места, велат синоптичарите.

И покрај повисоките температури коишто не се карактеристични за овој период од годината, од Управата за хидрометеоролошки работи најавија дека во текот на наредната недела во ноќните часови температурите ќе се спуштат под нулата.

Водостојот на реките е во намалување, велат хидролозите. Засега нема опасност од излевање. Не постои ни ризик за земјоделските поседи.

Променливото и загадено време го чувствуваат граѓаните. Болки во коските, проблеми со дишењето. Варирањето на температурите влијае на крвниот притисок. Лекарите препорачуваат хронично болните да ја земаат терапијата и доколку почувствуваат промена, да се обратат кај матичниот лекар.

Променливото време ги наполни ординациите, велат лекарите. Повеќе вирози, високи температури, суви кашлици особено кај децата. Пикот со грипот, пак, се очекува во јануари и февруари.

Ана Јосифоска