Политика

Партиски обвинувања за мигрантските кампови

07.12.2025 18:05

СДСМ, повикувајќи се на британски медиуми, обвини дека владата подготвува антидржавно и национално предавство со тоа што преговара за земјава да стане базна дестинација за враќање мигранти. Од ВМРО-ДПМНЕ со одговор, нема да има мигрантски кампови во Македонија. Дополнуваат дека Обединетото Кралство со сите земји од Западен Балкан и од Европската унија има договори за борбата против нелегална миграција…

Опозициска СДСМ тврди дека власта на Мицкоски подготвува антидржавно и национално предавство. СДСМ се повикува на британски медиуми кои според нив пишувале дека владата на Мицкоски е во разговори со Велика Британија за Македонија да стане базна дестинација за враќање мигранти. Сите лаги зад кои кујните на ДПМНЕ и владата се обидуваа да се скријат се потопени во вода, велат во СДСМ.

Според СДСМ, развиени и финансиски силни европски држави како Шведска, Британија, Германија, имаат огромен проблем да се справат со овој предизвик. Ако овие земји не можат да се справат со проблемот нема да може ниту Македонија, децидни се во СДСМ. Мицкоски и ДПМНЕ со нивните политики ги бркаат младите Македонци од државата, а сега планира, според социјалдемократите, да носи мигранти од трети земји.

Во Македонија нема да се градат бегалски кампови, категорични се од ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Антонијо Милошоски посочи дека Британија откако излезе од ЕУ, со сите земји од Западен Балкан, но и со самата ЕУ склучува вакви договори каде што Британија ја враќа легалната основа на Фронтекс за борба против организирана, нелегална, миграција.

Британската амбасада по објавите во дел од британските медиуми за наводно отворање мигрантски кампови во Македонија, ги демантира информациите. Наведуваат дека соработката меѓу Велика Британија и Македонија се однесува на борба против нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, како и на зајакнување на безбедноста и справување со криминалните мрежи, стои во објавата на британската амбасада.

Игор Панов