Сиљановска-Давкова: Да ја спречиме поделбата и да ги научиме доблестите за заедницата
„Имаме епидемија на малодушност и рамнодушност. Овие состојби се должат на децениските неправди со кои се соочуваме како народ и како држава, особено во нашите евроинтеграции. Пред нас е задачата да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество и да се сплотиме за општото добро“-обраќање на претседателската Гордана Сиљановска-Давкова на Свечената академија за државниот празник Свети Климент Охридски…

Споменот за охридскиот светител Свети Климент е врежан во колективната меморија не само на македонскиот народ, туку и на целото словенство, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Ако сме милостиви, тогаш зошто има толку суровост меѓу нас? Зошто творечкиот збор го претворивме во оружје за ad hominem напади? Зошто, наместо да се сплотиме, ние се поделивме околу најважните прашања од национален интерес? Меѓу последните сме во Европа по нивото на волонтерство и имаме епидемија на малодушност и рамнодушност, вклучително и кон лични и колективни трагедии. Свесна сум дека, делумно, овие состојби се должат и на децениските неправди со кои се соочуваме како народ и како држава, особено во нашите евроинтеграции. Неправдата раѓа огорченост, гнев, недоверба, песимизам и цинизам. А сето тоа ги поткопува темелите на македонското општество. Токму примерот на Св. Климент нè поучува на отпор против овие појави“, истакна претседателката Сиљановска-Давкова.
Претседателката се осврна и на социолошкиот момент во нашето општество. Кога општеството го губи својот заеднички морален компас и тоне во аномија, поединците остануваат без структура којашто им помага да се снајдат во хаосот.
„Пред нас е голема задача: да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество со тоа што одново ќе ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата. Како и во Климентово време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.
Преку дејноста на Свети Климент народот почувствувал дека вистинската сила е во сплотеноста – рече архиепископот г.г. Стефан. Да се натпреваруваме во добрина, служејќи ѝ на заедницата, на општеството. И со тоа, да ја направиме македонската држава пристојно место за живеење – беше кажано на Свечената академија.
Миле А. Ристески
