Сиљановска- Давкова за мигрантите: Ако се опасни за Британија, опасни се и за нас
„Ако станува збор за лица кои се опасни за Британија, тие се опасни и за нас“. Претседателката Сиљановска – Давкова е против приемот на мигранти, но и таа добила потврда од британскиот амбасадор дека такво нешто воопшто не се планира. По петицијата, опозицијата најави резолуција и протести. Премиерот Мицкоски фрли ракавица. Вели, ако СДСМ најде мигрант во Македонија, јас ќе заминам, ако не – да се извинат …

Ако мигрантите претставуваат закана за безбедноста на Британија, тогаш се опасност и за нашата земја, претседателката на државата Сиљановска – Давкова не е информирана дека Македонија ќе прифаќа мигранти од Велика Британија, но e против нивен евентуален прием во земјава.
„Јас колку што сум информирана од британскиот амбасадор, ама и од Владата тоа не е точно. Мојот став е – ако се работи за лица кои се опасност за Британија тие се подеднакво опасни и за нас. И јас сум против нивен прием“, рече Сиљановска-Давкова.
По онлајн петицијата која ја објави СДСМ, сега опозицијата најавува дека ќе поднесе предлог – резолуција во Собранието, со која пратениците ќе потврдат дека Македонија нема да прима мигранти. Доколку мнозинството не даде поддршка, опозицискиот лидер Филипче најавува протести.
„Доколку ВМРО – ДПМНЕ не излезе и не ја прифати оваа резолуција ќе бидеме принудени понатаму да се бориме со сите демократски средства еден од нив е да ги повикаме сите граѓани на голем народен протест, заедно, обединети, сплотени, да го блокираме процесот на носење мигранти во Македонија“, нагласи Филипче.
„Ќе се повлечам од политиката ако Венко Филипче најде еден мигрант во земјава, во спротивно јавно да се извини“ – порача премиерот Мицкоски.
„Оставам простор до пролет, Венко Филипче заедно со професорот Фрчковски и заедно со Андреј Жерновски да бараат низ Македонија и да најдат мигрант кој е дел од овој договор со Велика Британија или каков било договор којшто сме го преземале и ако најдат еден, јас трајно ја напуштам политиката. Во спротивно да ми се извинат на мене и на граѓаните што шират паника без потреба“, изјави Мицкоски.
Според власта – Договорот за стратешко партнерство со Британија не предвидува изградба на бегалски кампови, туку соработка во инвестициите, инфраструктурата, безбедноста и економијата.
Андријана Ѓурческа
